Осумнаесет години затвор за возачот кој во Велес на пешачки усмрти 11-годишно девојче

Велешанецот Ангелче Николов, кој на 17. декември минатата година на пешачки удри 11-годишно девојче кое почина на самото место, денеска во Основниот суд Велес доби единствена казна од 18 години.

Судијката Габриела Гајдова, која го водеше процесот, појасни дека судот смета дека осудениот може да го повтори делото поради што му ја продолжи мерката притвор се до спроведување на казната затвор, во која му се засметува времето поминато во притвор.

Осудениот на 17. декември во 22:10 часот со голема брзина од 68 километри на час во алкохолизирана состојба ја удри на пешачки 11-годишната Магдалена, а нејзината мајка тешко ја повреди. Воедно 30-годишниот Николов, не застанал да им укаже помош туку побегнал со голема брзина и два дена се криеше од полицијата по што самиот се пријави.

Инаку полицијата на местото на настанот ги најде веднаш табличките од возилото што беше олеснителна околност на полицијата да трага по сторителот.

Судијката Габриела Гајдова изрекувајќи ја казната потенцира дека иако на првото рочиште Николов ја призна вината во текот на целата истражна постапка не искажал вистинско каење и жалење за загубениот живот на 11 годишното девојче Магдалена, која беше единица на семејството на Емилија и Жарко Иванови, кои скршени од болка и денеска не беа во Основниот суд Велес.

Адвокатот на семејството на загинатото девојче Јанаки Митровски за новинарите кажа, дека е задоволен од пресудата и информира дека денеска до ОЈО поднеле кривична пријава и против трите лица кои вечерта на несреќата биле во автомобилот на Ангелче Николов и жителот на Превалец кој два дена го криел Николов од полицијата. Тој појасни дека има сведок кој кажува дека тие се вратиле на лице место на настанот и прашувале за девојчето.