Отворена е изложбата „Го сакам Охрид… ама го љубим и Тетоо“ на Ѓоко Симјаноски во Тетово

– Во концертната сала на поранешниот Дом на Армијата во Тетово од вечерва се изложени 45-те дела на охридскиот сликар Ѓоко Симјаноски. Изложбата која е насловена „Го сакам Охрид… ама го љубим и Тетоо“ е можност љубителите на уметноста да видат дела во сув пастел со мотиви од Охрид и Тетово.

Симјаноски пренесува 14 мотиви од Тетово, а останатите од Охрид.

– Овде пред тетовчани ми е особено драго, што ги видов од моите роднини и многу пријатели и се најдовме после многу времиња. Понудувам 45 мои записи од мојата љубов кон Охрид но и кон Тетово, бидејќи сум половина тетовчанец. Ова е на некој начин и мој аманет кон идните генерации да го сочуваат ова богатство што постои во Македонија. Без разлика дали тоа се наоѓа во Охрид, или се наоѓа во Тетово. Овде на сликите има неколку објекти што повеќе ги нема, за жал. Во трката за многу пари, но во трка која нè носи во беспаќе, ние изгубивме многу убави нешта кои за жал повеќе не постојат, истакна на отворањето авторот Симјановски.

Сликите се направени во изминатиот период од четири години.

– Ова е еден апел, еден повик, сите да ја сочуваме нашата историја да го сочуваме она што го имаме, бидејќи ако го немаме тоа, немаме ништо. Ако нема љубов, што е основното нешто што го движи општеството тогаш ќе нè нема и нас и ќе нема и идните генерации. И затоа сето ова што го гледате е израз мојата голема љубов кон нешто што ми подарил Господ што се вели за да можам ги создадат вакви какви што се, истакна тој.

Авторот кој е роден 1947 година, по професија е електроинженер, но од детството почнува да слика и самиот да се усовршува.

– Кога имав седум години, нè однесоа на претставата Петар Пан каде видов еден плакат и јас тоа го прецртав не знам колку пати. Така почнав со цртање. Потоа во средното училиште се фокусирав на портрети и така се создаде оваа љубов. Направив голема пауза, дури некаде во 80-тите години при патување во Париз купив пастелни бои и со многу љубопитност и труд дојдов до време да изложувам повеќе мои дела, изјави авторот Симјаноски.

Од 1997 година има повеќе изложби на слики, а освен со сликарството Симјаноски се занимавал и со работа во радио и фотографија.