Отворен почесен конзулат на Украина во Прилеп

 Сашо Наумоски, директор на прехранбената индустрија „Витаминка“ од денеска и официјално е почесен конзул на Република Украина. На пригоден начин Наумоски ги потпиша акредитивите со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир. Претставништвото на почесниот конзулат е отворено во рамките на компанијата „Витаминка“.

Во своето обраќање пред присутните на оваа пригодна свеченост, украинската амбасадорка Дир, меѓу другото рече дека чест е Наумоски да биде почесен конзул кој уште од првите моменти на инвазијата над Украина ѝ помага на земјата.

– Вие ќе го претставувате украинскиот народ кој веќе 359 дена се бори за своето право на живот, за територијална независност и право да остане суверена држава во нејзините меѓународно признаени граници. Секоја ваша помош ќе им го олесни животот на Украинците. Вие ќе ја претставувате Украина која на бојното поле ги штити животите на своите граѓани, својата суверена територија и европските вредности. Северна Македонија од почетокот на војната е заедно со Украина. Хуманитарната, воената и финансиската помош од Северна Македонија помагаа да се запре рускиот терор и да се доближи мирот. Токму затоа, вашата работа како почесен конзул е толку важна. Заедно ќе шириме вистинити информации. На македонски јазик го преведовме указот на претседателот на Украина за почесен конзул. Посакувам добро функционирање на почесниот конзулат на Украина во Прилеп и развој на украинско-македонските пријателски односи, рече меѓу другото Лариса Дир, амбасадорка на Украина во Македонија.

Наумоски потенцираше дека оваа функција е голема чест и сериозно пристапува на обврската што ја има зашто е голема да се претставува земја која во моментов се соочува со воена агресија.

– Во овие времиња да се биде пријател е голема чест, а вистинска доблест е да се даде доверба. Со Украина го делиме истото време со предизвици; за нас економски и егзистенцијални, а за нив и животозагрозувачки. Зближувањето на двете земји го гледам со подавањето рака, да бидеме единствени и заедно да се бориме да ги надминеме овие бурни времиња. Меѓусебната поддршка преку економски мерки и деловни активности е уште еден начин. Пред војната имавме одлични економски релации со 120 милиона евра на увозот и над 15 милиона евра извоз. Со војната забележано е намалување на увозот на 85 милиона евра, а извозот е 35 милиони евра. Културната, социолошката размена, бизнисот и економската соработка, идеи и визии за подобра иднина се полиња каде ќе се надоградуваат и ќе се зацврстуваат односите меѓу двете пријателски земји. Тука е мојата обврска и одговорност како почесен конзул да придонесам за експанзија на овие вредности, рече Наумоски.

На отворањето на почесниот конзулат на Украина во Прилеп, кој е и воопшто прв почесен конзулат во градот, беа и претставници на Министерството за надворешни работи, на здружението на почесни конзули во Македонија, на украинската заедница.