Пендаровски во посета на Обединетите Арапски Емирати

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, реализира официјална посета на Обединетите Арапски Емирати.

Пендаровски преку објава на својот твитер-профил истакна дека во рамки на посетата во Абу Даби се сретнал со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед ал Нахјан.

„На средбата со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед ал Нахјан, ја изразив подготвеноста за унапредување на економската соработка и трговската размена и ги охрабрив иницијативите за билатерални договори и спогодби во повеќе области“, напиша тој.

„Очекувам добрите билатерални односи да продолжат да се развиваат во рамки на политичкиот дијалог, мултилатералната соработка и конкретна соработка во повеќе области од заеднички интерес“, додаде Пендаровски.

Меѓу другото, во соопштението од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија се наведува дека на средбата биле разменети мислења околу можностите за продлабочување на билатералните односи, интензивирање на економската соработка, за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за надворешните приоритети и политичките состојби во двете земји.

„Претседателот Пендаровски упати честитки за неговото именување за нов претседател на Обединетите Арапски Емирати и изрази уверување дека Обединетите Арапски Емирати ќе останат посветени на одржување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност, како наши заеднички заложби. На средбата беше констатиран позитивен развој на билатералните односи меѓу двете земји и изразено очекување дека добриот политички дијалог, мултилатералната соработка и меѓусебното почитување ќе продолжат со иста динамика и во иднина, што ќе резултира со конкретна соработка во повеќе области од заеднички интерес“, се нагласува во соопштението.

Пендаровски го истакна интересот на Северна Македонија за унапредување на економската соработка и трговската размена со Обединетите Арапски Емирати.

„Со цел поттикнување и унапредување на соработката меѓу бизнис-заедниците, претседателот ја истакна потребата од подобрување на правната рамка меѓу двете земји и ги охрабри иницијативите за склучување на билатерални договори и спогодби за соработка во повеќе области. На средбата беше разговарано за воспоставување на директна авионска линија Скопје – Абу Даби, а беа поздравени иницијативите за поддршка на инвестициските и инфраструктурните проекти од страна на ОАЕ, што се од стратешки интерес за Северна Македонија и регионот на Западен Балкан“, се додава во соопштението.

Во рамки на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати, претседателот Пендаровски ја посети Вахат ал Карама – Оазата на достоинството, каде што положи цвеќе и оддаде почит на мачениците и хероите на Обединетите Арапски Емирати.

„Претседателот Пендаровски ја посети и Големата џамија на шеик Зајед како едно од импозантните архитектонски дела во Обединетите Арапски Емирати, во чија градба се користени и материјали од Прилеп. Воедно, претседателот Пендаровски ја посети и Аврамската семејна куќа, која со дизајнот и мисијата ги доловува заедничките вредности на јудаизмот, христијанството и исламот и служи како платформа и образовен центар за меѓусебно разбирање, прифаќање и толеранција“, се вели во соопштението.

Според соопштеното, посетата на Пендаровски на ОАЕ е прва посета на претседателско ниво. Во рамки на посетата, како дел од соработката меѓу министерствата за надворешни работи беше потпишан и Меморандум за укинување на визите за носителите на дипломатски и службени пасоши меѓу Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

Во состав на официјалната делегација за време на посетата на ОАЕ е министерот за финансии на Северна Македонија, Фатмир Бесими.