Пендаровски – Липавски: Односите Скопје и Прага пријателски и со интензивен политички дијалог на високо ниво

Севкупните односи меѓу Северна Македонија и Чешка се пријателски со интензивен политички дијалог на високо ниво, оценија на денешната средба претседателот Стево Пендаровски и чешкиот министер за надворешни работи Јан Липавски, кој престојува во посета на земјава.

Во однос на аспирациите за членство на земјава во Европската Унија, како што информира Кабинетот на шефот на државата, Пендаровски се заблагодари за постојаната чешка поддршка во однос на политиката на проширување и во тој контекст беа разменети мислења за текот на билатералниот скрининг со ЕУ.

На средбата се разговараше и за актуелните состојби во регионот на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски истакна дека стабилноста и безбедноста на регионот, како и неговиот демократски развој, се потпираат на европската перспектива и во таа насока посочи на потребата ЕУ да го задржи фокусот кон регионот.

Претседателот Пендаровски и министерот Липавски разговараа и за состојбата во Украина, партнерскиот одговор на НАТО, како и активностите на македонското претседателство со ОБСЕ во тој контекст.