Платформа „Чувари на мудроста“ под мотото „Да ги слушнеме и гушнеме“

–  Со новата платформа „Чувари на мудроста“, Халкбанк АД Скопје станува дел од општествено одговорна кампања за поддршка на старите лица. Мотото на платформата е „Да ги слушнеме и гушнеме“, а преку оваа платформа, со своето искуство и мудрост, наши познати културни, општествени дејци, луѓе од бизнисот, спортот и уметноста, кои и во зрелите години или по пензионирањето се активни, ќе им пренесат совети за оние кои сега чекорат по нивните стапки.

– Кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ ја почнавме токму од нас. Во нашите простории ги поканивме пензионираните колеги кои ни пренесоа прекрасни искуства, нешта кои нема да ги најдете во учебниците. Тоа е целта на новата платформа ЧУВАРИ НА МУДРОСТА. Од една страна да ги слушнеме личните приказни на нашите дејци, а од друга страна да учиме од нивните искуства. Не само во рамките на нашата општествено одговорна дејност, туку како наша генерална определба, луѓето се најважни, од внуче до баба и дедо. И затоа подготвивме интересни и богати содржини за да им покажеме колку се важни, соопшти Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк АД Скопје.

Како што се посочува во соопштението, платформата „Чувари на мудроста“ има динамична содржина. Во рубриката „Да ги слушнеме“ досега се објавени интервјуа од писателот и публицист Васил Тоциновски, уметникот и хуманист Живко Поповски-Цветин, писателите Љубинка Донева и Киро Донев, новинарите Лилјана Грџо Дамовска и Љупчо Јолевски, Даница Павловска-Циги, архитект, библиотекарката Тања Гошева.

-Во брзото секојдневие да сопреме за миг и тој миг да им го подариме на постарите, на нашето семејство. Кампањата ќе се одвива во различни етапи, во соработка со пензионерски здруженија, домови за стари лица, училишта и градинки низ целата земја. Интегрираната кампања обединува најразлични активности и се одвива на сите канали за комуникација, вклучувајќи ја и документаристичката компонента, соопштија од Халбанк АД Скопје.