Поплавени над 60 објекти во невремето во Делчево и околината

 Поплавени повеќе од 60 објекти во населбата Пролет и на улицата „Индустриска“ се последиците од невремето проследно со град што денеска го зафати Делчево и околината во периодот од 16:30 до 18:20 часот, информира Центарот за управување со кризи.

– На терен се излезени ТППЕ Делчево и  ЈПКД „Брегалница“ со цела нивна екипа и вршат испумпување на вода од поплавените објекти, се појаснува во соопштението на ЦУК.

Како што додаваат од ЦУК, поголем дел од градот е без снабдување со електрична енергија.

Попладнево невреме со пороен дожд, врнежи од град и грмежи ги зафати Делчево и околните населени места, предизвикувајќи поплави во повече подрумски простории и потешкотии во одвивањето на сообраќајот.

Врнежите од град со големина на лешник оштетија дел од раноградинарските култури, а настрадаа и дел од овошните насади.

Од Општина Делчево апелираа до граѓаните да пријават евентуални штети, а оттаму дополнително најавија информација за првичните штети настанати од невремето.