Поранешниот англиски репрезентативец Брајан Дин во посета на ФК Воска од Охрид

Поранешниот напаѓач на англиската репрезентација и на познати клубови како Лидс Јунајтед, Шефилд Јунајтед, Мидлсброу, Вест Хем, Сандерленд и Бенфика, Брајан Дин беше во дводневна посета на градот Охрид, поточно беше гостин на сопственикот на Фудбалскиот клуб Воска Спорт, Нефи Усеини.

Повод за посетата на Брајан Дин беше да се информира за состојбите во фудбалот во градот Охрид, поконкретно на „Воска Спорт“, спортската и хотелската инфраструктура како и за фудбалските капацитети на овој регион воопшто а особено за младите категории.

За време на престојот во градот покрај езерото, Брајан Дин заедно со сопственикот на ФК Воска Спорт, Нефи Усеин и нивните придружници беа пречекани на официјална средба во општина Охрид од страна на градоначалникот, Кирил Пецаков, а на средбата беа разгледани темите околу фудбалот. Разговорите беа во коректен дух и како општ впечаток остана можноста за соработка во иднина.

– Тука сум на покана на Нефи (Усеини, ФК Воска Спорт) да ја погледнам младинската структура, да дадам свое мислење од моето искуство во различни земји. Играв и бев тренер во Норвешка, односно не играв, бев тренер во Норвешка, играв во Португалија и се разбира во Англија. Тоа се различни искуства кои ги видов во развој на младите фудбалери и како децата се развиваат во атлети. Добро е што можам да го пренесам моето искуство на Нефи. Се работи за младински проект, Нефи е многу амбициозен и голем ентузијаст кој го сака најдоброто за локалната заедница, изјави Брајан Дин:

Од моја гледна точка, ова е прекрасно место, а јас сакам да го пренесам моето искуство и знаење што може да помогне и сметам дека тоа е многу важно, поважно од било што да зборуваме директно за иднината, ако можам да помогнам со моето знаење тогаш сум среќен да го пренесам истото, додаде гостинот од Англија.

Покрај официјалниот дел и темата за фудбалот, сопственикот на ФК Воска Спорт, Нефи Усеини ја искористи можноста на гостите од Англија да им го претстави градот Охрид, делови од историјата и најатрактивните туристички места, притоа почитувајќи ја неговата католичка вера, за Брајан Дин беше организирана и посета на Католичката црква на град Охрид.

Двете страни останаа задоволни од првиот контакт, останува отворена можноста за евентуална соработка за во иднина, додека како продолжение на оваа средба, следната недела се најавува доаѓање на уште една делегација од Англија во Охрид.