Потпишан договорот за изградба на дополнителни 35 километри од оградата на грчко – турската граница

– Цврста метална ограда висока пет метри и во должина од 35 километри на која ќе бидат поставени бодликава жица и ламарини кои ќе спречуваат било каков пристап, ќе биде изградена кај Еврос на грчко – турската граница во рамките на планот на Владата за дополнително проширување на веќе постоечката ограда.

Договорот за изградбата на новите 35 километри, попладнево го потпишаа надлежните министри и претставници на градежните компании во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. 

Според информациите од грчката Влада, изградбата чини 99,2 милиони евра, а новата ограда „ќе ја зајакне ефикасноста на постоечката ограда од 37,5 километри долж грчко- турската граница“, додека пак планирано е во иднина да достигне до 140 километри.

Освен проширување на оградата, ќе се изградат и седум набљудувачки пунктови.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на настанот организиран кај веќе изградената ограда, истакна дека токму таа ограда е една од причините што во последните години бил спречен влез на грчка територија на над 250.000 илегални мигранти.

-Оваа инвестиција што ја гледате не е евтина инвестиција, но е неопходна инвестиција за да ги заштитиме нашите граници. Ќе продолжиме на сите нивоа да бараме негово финансирање со европските фондови. И верувам дека оваа цел е остварлива. Но, изградбата на бариерата е национален императив, порача Мицотакис.