Потрагата по преживеани во Турција завршува: Потрагата се уште трае само во околу 40 згради

Бројот на загинати од разорниот земјотрес во Турција се искачи на речиси 41.000, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), бидејќи операциите за потрага по преживеани завршуваат и ќе продолжат во само две провинции.

Потрагата и спасувањето во деветте провинции погодени од земјотресот завршува, изјави директорот на АФАД Јунус Сезер. „Тие продолжуваат во провинциите Кахраманмарас и Хатај, на околу четириесет згради“, изјави Сезер за новинарите.

Повеќе од 1,2 милиони луѓе се евакуирани од југоисточна Турција, погодена од најсмртоносната катастрофа во поновата историја на земјата. Повеќе од еден милион луѓе се во засолништа во овие провинции, рече Сезер.

Според последните информации на АФАД, во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го опустоши југот на Турција и Сирија, загинале 40.689 лица. Турскиот заменик-претседател Фуат Октај објави дека 105.000 згради се урнале или се сериозно оштетени и ќе бидат урнати.