Почина еден од најштетните шпиони во историјата на САД: Од Русите добил 1,4 милиони долари

Агентот на ФБИ кој стана руски „крт“, а кој е познат како еден од најштетните шпиони во историјата на САД, е пронајден мртов во затвор.

Роберт Хансен почина во понеделник наутро во максимално безбедносен објект во Фиренца, Колорадо. Причината за смртта се уште не е објавена.

Хансен (79) добил повеќе од 1,4 милиони долари во готовина, дијаманти и пари депонирани на руски сметки. На неговиот случај работеле триста агенти.

Во 2002 година тој беше осуден на доживотен затвор за шпионажа. Пред апсењето, Хансен живеел во скромна куќа со четири спални соби во предградието на Вирџинија со сопругата и шесте деца.

Поради неговата контраразузнавачка улога, тој имал пристап до доверливи информации, а во 1985 година ја започнал својата криминална активност, испраќајќи материјали во Русија и поранешниот Советски Сојуз.

Хансен, кој стана агент на ФБИ на 12 јануари 1976 година, го користел псевдонимот „Рамон Гарсија“ кога се допишувал со своите соработници.

Според веб-страницата на ФБИ, тој „компромитирал бројни човечки ресурси, контраразузнавачки техники, истраги, десетици доверливи документи на американската влада и технички операции од исклучителна важност и вредност“.

Иако повремено се сомневаа во неговите необични активности, тој не беше фатен со години.

Откако ФБИ го фати шпионот Олдрих Хазен Ејмс во 1994 година, бирото сфати дека доверливите информации сè уште протекуваат, што предизвика истрага против Хансен.

Откако бил фатен на дело, бил осуден на доживотен затвор без можност за условен отпуст.