Почна процесот за спогодување по прекршочната пријава против УСЈЕ, ДИЖС вели дека Цементарницата постапила по Решението

 Во Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање вчера почна постапката за спогодување со Цементарница УСЈЕ АД Скопје, по прекршочната пријава за загадување на амбиенталниот воздух. Постапката е во тек, а по завршување на спогодувањето јавноста ќе биде информирана за конечната одлука, информира Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Цементарница УСЈЕ за загадувањето на амбиенталниот воздух ќе плати парична казна, согласно законот, а висината ќе се знае по завршувањето на постапката. Компанијата по интервенцијата на ДИЖС, како што објави претходно МИА, веднаш премина на греење од мазут на гас. Од Инспекторатот за МИА појаснија дека во ваквите случаи според закон е предвидена прекршочна пријава, а доколку правниот субјект не ги испочитува барањата, се преминува кон кривична и кон постапка за одземање на дозволата.

Во објавата на ДИЖС се наведува дека Цементарница УСЈЕ постапила онака како што се барало од неа.

– Правниот субјект постапи по издаденото Решение во инспекциска постапка од страна на Државен инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина – Скопски регион, при што во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 мегавати во котларата за загревање на фабриката отпочна со користење природен гас како гориво. Исто така беа извршени мерење на емисија на гасови од емитерот – оџакот на парниот котел со акредитирана лабораторија за животна средина. Од пристигнатиот извештај е утврдено дека нема евидентирано надминување на граничните вредности на емисија (ГВЕ), наведува ДИЖС.

Во објавата се додава и дека правниот субјект реализирал мерења на осум емисиони точки согласно А-Интегрираната еколошка дозвола од сите производни делови кои се во работен режим со две акредитирани лаборатории за животна средина. Останати четири мерни места, се додава во објавата, поради редовен годишен ремонт на ротациона печка 4 и придружни работни единици ќе се мерат дополнително.

-Од пристигнатите извештаи е утврдено дека нема евидентирано надминување на граничните вредности на емисија. Една од двете печки (ротациона печка број 4) е во ремонт и истата не е во работен режим, нагласува ДИЖС.

Инспекторатот потсетува дека Цементарница УСЈЕ А-Дозволата за усогласување со оперативен план ја поседувала од 2011 година, измена на А-Дозволата за усогласување со оперативниот план била направена во 2013 година, а А-Интегрираната еколошка дозвола ја поседувала од 2020 година. Овие дозволи ги издава МЖСПП.

– Врз основа на пристигнато барање од страна на Канцеларијата на Народниот правобранител на РСМ (Заменик НП), во тек е подготовка на информација со барани податоци за работењето на правниот субјект Цементарница Усје која ќе биде доставена до барателот во законски утврдениот рок. ДИЖС редовно ќе врши инспекциски надзори во правниот субјект согласно утврдени планови за работа, се нагласува во објавата на Инспекторатот. 

При вонредните контроли на инспектори од Град Скопје и од ДИЖС беше утврдено големо надминување на прагот на ПМ честичките кои предизвикуваат загадување на амбиенталниот воздух, за што градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, пак, поднесе кривична пријава.

Директорот на ДИЖС, Сретен Стојковски претходно за МИА изјави дека Инспекторатот постапил согласно законот како и во претходните такви случаи, односно дека е поднесена прекршочна пријава со што се бара спогодување за казна од трета категорија за што паричниот надомест е во висина од 180.000 до 200.000 евра, како и казна за управителот од 10.000 евра. Исто така за УСЈЕ е издадено и решение со кое се предвидува компанијата да прекине да користи мазут за загревање, односно повторно да се користи гас. 

– Во Цементарница УСЈЕ преминаа на греење на гас. Во тек се мерења на двата котли што ги користат за загревање и се прават мерења на сите емисиони точки во Цементарницата. Така што за наредната недела, за 7 февруари е закажано спогодувањето при што е предвидена санкција до 200.000 евра. На спогодувањето ќе ја дадеме документацијата со којашто располагаме и мерењата. Од компанијата ќе ги кажат нивните аргументи и комисијата ќе донесе одлука во однос на висината на казната за Цементарница и за управителот на фирмата. За управителот казната е 10.000 евра, наведе Стојковски претходно за МИА.

Тој тогаш образложи дека во случаи, како што е случајот со УСЈЕ прво се оди на спогодување, а потоа на спроведување на решението и доколку уште еден пат се случи Цементарница УСЈЕ повторно да направи такво загадување тогаш се покренува кривична постапка.