Почна уплатата, но и испораката на дрва за штипските пензионери

 Здужението на пензионери – Штип почна со примање на уплата за огревно дрво. Претседателот на Здружението на пензионери-Штип, Ристе Нетков вели дека од вчера е почната уплатата, а веќе денеска пристигнаа и првите камиони со дрва за штипските пензионери кои уплатија за огревно дрво по цена од 5.000 денари за даб и 4.900 за бука. Цената е висока, но заинтересираноста е голема за само два дена 120 штипски пензионери уплатиле да набават огревно дрво преку Здрижението на пензионери.

-Сумата ќе може да се плати на седум месечни рати, а дрвата ќе почнат да се испорачуваат веднаш по првата исплатена рата, вели Нетков.

Тој посочи дека можат да набават 3.500 метри просторни дрва за пензионерите. Смета дека ланската ситуација со набавката на огревно дрво нема да се повтори, кога на 500 пензионери им беа вратени парите, па мораа директно да преговараат со добавувачите на огревно дрво.

-Мислам дека нема да нѐ снајде ланската состојба, бидејќи знаете како беше минатата година. Затоа сега поблаговремено ги почнавме сите подготовки, веќе имаме склучено договор и со повеќе фирми и се надеваме дека благовремено и целосно на сите наши пензионери ќе ги испорачаме огревните дрва за оваа сезона, вели Нетков.