Почнуваат преговорите со „Бехтел и Енка“ за автопатите на коридорите 8 и 10-д, годинава старт на изградбата

 Очекуваме оваа година да започнаме градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8 и Коридорот 10-д, рече денеска министерот за транспорот и врски Благој Бочварски, по потпишувањето на договорот со италијанската ИРД инжинеринг, компанијата избрана за надзор и правен трансакциски советник  за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Со потпишувањето на договорот се создаваат услови за почеток на преговорите што ќе ги води ИРД во име на Управувачкиот комитет на Владата со „Бехтел и Енка“. Следната фаза е потпишување на договорот за изведба на работи на автопатските делници на Коридорот 8 Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1  километар), Тетово – Гостивар ( 27  километри)  и на делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д.

ИРД  инжинеринг во државава  е присутна со услуги над 20 години,  а директорот Паоло Орсини ветува дека ќе обезбедат највисоко ниво на надзорни услуги и навремено и квалитетно завршување на работите.

-Една од нашите предности е и ќе биде нашето локално присуство со комбинација на меѓународно локално искуство и експретиза. Заедно со нашите локални партнери во овој проект  ќе ги вложиме сите потребни напори за изградбата на четирите делници со највисок стандард и квалитет, кои што одговараат на квалитетот на патиштата што се градат во ЕУ. Немам сомнеж дека го имаме потребното знаење и експертиза за да обезбедиме највиоско ниво за надзорни услуги и да го завршиме проектот навреме и со висок квалитет,  рече Орсини, кој го потпиша договорот со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми. 

Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби, кој е и претседател на Управувачкиот комитет за проектот,  истакнаа дека со овие активности се овозможува изградба на најголемиот капитален инфраструктурен проект во историјата на државата кој е од големо значење за граѓаните и за државата. 

Груби најави дека Управувачкиот комитет утре во 11.30 часот ќе одржи седница на која ќе се донесе одлуката за почнување на преговорите. Потенцираше дека се заокружуваат подготвителните активности и оти на оваа активност се чекало година и половина.

-Проектот ќе ни обезбеди модерно и брзо поврзување со регионот но и модернизиирање на инфраструктурата дома, рече Ковачевски. 

Тој истакна дека автопатските делници се во приоритетите на Владата на кои ќе се фокусираат и годинава, откако лани, како што рече, и во услови на криза успеавме да оствариме највиоска реалзиација на капитални инвестици во износ од 465 милиони евра.

Повтори дека во мандатот на оваа Влада биле изградени и обновени 1300 километри патишта во вредност од над милијарда евра, а се осврна и на тековните инфраструктурни проекти.

-Во моментов активно тече изградбата на автопати во должина од 59 километри. Динамиката ма изградба на делницата од Кичево до Охрид е навистина забрзана  и веќе 75 проценти од патот се завршени откако беа отстранети сите пречки што беа наслдени. Во тек е реализација на првата фаза од автопатот Скопје-Блаце, каде се завршени 79 проценти од работите, а се подготвуваат работите за изградба на автопатите коо се предмет на овој договор на Коридорот и Коридорот 10-д, рече Ковачевски.

Владата минатата година потпиша меморандум за соработка со „Бехтел и Енка”, а Собранието донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект. ИРД инжинеринг беше избрана за надзор и правен трансакциски советник за овој проект на вториот тендер што за таа намена го спроведе Јавното претпријатие за државни патишта, откако избраната компанија на првиот повик не ја достави потребната банкарска гаранција.