По Иран, Саудиска Арабија ги обновува и дипломатските односи со Сирија

–  Сирија и Саудиска Арабија се согласија да ги обноват дипломатските односи и да ги отворат своите амбасади по повеќе од една деценија, соопштија денеска извори, запознаени со тематиката, јави Дејли Сабах

Контактите меѓу Ријад и Дамаск зајакнаа по историскиот договор за обновување на врските меѓу Саудиска Арабија и Иран, клучен сојузник на претседателот Башар ал Асад, изјави регионален извор, кој има врски со Дамаск.

Повторното воспоставување на односи меѓу Ријад и Дамаск ќе претставува најзначаен развој досега во потезите на арапските држави за нормализирање на врските со Асад, кој беше избегнуван од многу западни и арапски држави по почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година.

Двете влади „се подготвуваат повторно да ги отворат амбасадите по Рамазан Бајрам“, муслимански празник во втората половина на април, изјави за Ројтерс, друг регионален извор усогласен со Дамаск, пренесува турскиот весник.

Одлуката е резултат на разговорите во Саудиска Арабија со висок сириски разузнавач, според еден од регионалните извори и дипломат во Заливот.

Канцеларијата за комуникација на саудиската влада, министерството за надворешни работи на кралството и сириската влада не одговорија на барањата за коментар, објави Дејли Сабах.