Прв зимски хепенинг „Го сакам Голак“ во Делчево

 Во организација на Здружението „Бравура Кооператива“ на планината Голак во Делчево се одржа првиот зимски хепенинг „Го сакам Голак“. Во рамки на настанот беше подготвена пригодна програма со настап на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, локален диџеј, а беше организиран и натпревар во санкање за најмладите.

Александар Николов, претседател на здружението иницијативата „Го сакам Голак“ истакна дека хепенингот има за цел да биде слушнат гласот на граѓаните за подобра промоција и ревитализација на Голак. 

-Иницијативата „Го сакам Голак” е дел од проектот ,,Одговори пред одговорностите” кој го спроведува здружението ,,Бравура кооператива” во организација и соработка со други здруженија и други компании кои им излегоа во пресрет на граѓаните да почувствуваат еден поинаков Голак каков што сите го знаеме, рече Николов.

Како дел од иницијативата претходно се одржа работилница на која што граѓаните посочија дел од проблемите и визијата за повторно развивање на Голак.  

-Тоа е само дел од една работна група, а ќе следуваат нови работни групи, по што очекуваме граѓаните да почувствуваат колку Голак ни е потребен нам и на идните генерации. Во оваа прилика мора да напоменеме дека совеста на граѓаните е она што ја прави иницијативата многу подобра, многу поодговорна. Тие со своето учество даваат своја контрибуција за презентирање на една подобра слика за она што тие очекуваат од Голак или она каков што треба да биде Голак за нас граѓаните, додаде Николов.

Дел од посетителите активно учествуваа во дел од содржините поздравувајки ја иницијативата и додавајк идека таквите настани треба да ги има почесто.

-Супер е иницијативата, деца немаме но еве ќе учествуваме како возрасни на натпреварот во санкање. Ја поздравувам организацијата, секоја чест за самата иницијатива која се надевам ќе прерасне во нешто уште покорисно за самите нас, истакна Перица Синадиновски, посетител од Делчево.

Настанот беше збогатен со ликовно катче во чии рамки ученици од гимназијата „Методи Митевски Брицо“ изработија ликовни дела, а беше промовирано и Еколошкото друштво „Голак“ пред чиј штанд се собираше хуманитарна помош за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија.