Претседателката на Европската комисија вети повеќе фондови и трговија со Западен Балкан

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес вети дека ќе ги зголеми инвестициите во Западен Балкан за да го намали влијанието на руската војна во Украина.

Во обраќањето на форумот ГЛОБСЕК (GLOBSEC) во словачката престолнина Братислава, Фон дер Лајен вети „план за раст“ на Западен Балкан бидејќи како што рече „шок-брановите пратени од војната на агресија на (рускиот претседател Владимир) Путин пристигнаа“ до регионот.

Планот има цел да ги зголеми претпристапните фондови на ЕУ за земјите бидејќи има „директна потреба од инвестиции во Западен Балкан во овие турбулентни времиња“.

Фон дер Лајен, исто така, предложи поблиско поврзување со единствениот пазар на ЕУ што ќе им овозможи на државите од Западен Балкан пристап до Единствениот дигитален пазар во области, како што се е-трговија или кибербезбедност, и ќе ја олесни трговијата со стоки и плаќања.

Таа нагласи дека економската соработка ќе го подобри животот на луѓето и ќе го помогне патот на државите од Западен Балкан кон ЕУ.

Фон дер Лајен го поддржа и мировниот план на украинскиот претседател Владимир Зеленски.

Таа повика на „праведен мир“ и истакна дека „примирје што ќе резултира со замрзнат конфликт нема да донесе траен мир“.

Претседателката на Европската комисија ги поздрави разговорите за создавање безбедносни гаранции за Украина, сугерирајќи „собирање такви гаранции од земји-истомисленици“ што ѝ обезбедуваат на Украина воена опрема за „да зајакне против руските напади во иднина“.

Таа, исто така, истакна дека на Украина ѝ се потребни „демократски реформи“ за долготраен мир и вети поддршка за земјата, која доби статус на земја кандидат за ЕУ во јуни 2022 година.