Претседателот на ССК Ангелоски на бизнис-самит во Богота

 Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, присуствува на меѓународен бизнис-самит кој во организација на Интернационалната стопанска комора (ICC) се одржува во Богота, Колумбија, од 27 февруари до 2 март 2023 година.

Како што соопшти ССК, Ангелоски во своите обраќања и на дискусиите се осврна на поволната деловна клима во нашата земја, но и на заедничките можностите кои ги нуди Западен Балкан како регион со свои карактеристики и предности.

-Ниските трошоци, одличната географска поставеност и погодните климатски услови ја прават Македонија, но и целиот Западен Балкан, исклучиво атрактивен за странски инвестиции. Нашиот пазар за инвеститорите од Африка, Азија и Блискиот Исток може да биде влез на милионскиот пазарот на ЕУ. Како гранки со најголем потенцијал може да ги издвоиме индустријата, ИКТ, туризмот, земјоделството, винската индустрија. Македонија е мала земја, но нуди големи можности, истакна Ангелоски на панелот во кој учествуваше заедно со претседателите на стопанските комори од Франција, Белгија, Германија, Италија, Романија и од Швајцарија.

Тој се осврна и на едноставните процедури за отворање компанија во нашата земја, како и на силната определба и напори кои се преземаат за создавање подобро бизнис окружување и за зголемување на можностите за бизнис.

-На самитот кој трае четири дена се одржуваат и сесии за лидерство и идни трендови кои ќе ги ремоделираат различните индустрии и ќе создаваат револуционерни компании и производи, акцент се става и на иновации и дигитализација, а се дискутира и за алатки кои ќе им помогнат на малите и средните претпријатија подобро да се позиционираат во меѓународниот пазар, информира ССК.

Меѓународни предавачи и претприемачи пред учесниците на самитот имаат презентации за тоа како малите и средните претпријатија може да ги искористат придобивките од дигитализацијата и ги постават иновациите во основата на нивната деловната стратегија, како приватниот сектор може да придонесе за постигнување на глобалните цели на ОН и кои се придобивките од градењето  култура за прифаќање на промени и иновации.

На настанот учествуваат околу 2000 високи претставници на бизнис-заедниците од триесетина земји од Африка, Азија и Средниот Исток, Европа и Америка кои, соопшти ССК, преку дебатите и дискусиите во текот на панели, Б2Б состаноци и други бизнис-настани разговараат за современите трендови за раст и развој на бизнисите и економијата, се вмрежуваа и ги разгледуваа можностите за унапредување на економската соработка.