Претставничкиот дом на САД гласаше за отстранување на првата покриена муслиманка од Комитетот за надворешни работи

Против отстранувањето на Илхан Омар гласаа сите 211 демократи, додека „ЗА“ гласаа 218 од 222 републиканци

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес вчера гласаше по партиска линија за отстранување на една од првите двете покриени муслиманки во Конгресот од позицијата во влијателниот Комитет за надворешна политика.

Против отстранувањето на Илхан Омар гласаа сите 211 демократи, додека „ЗА“ гласаа 218 од 222 републиканци.

„Не е случајно дека членовите на Републиканската партија го обвинија првиот црн претседател Барак Обама дека е притаен муслиман. Не е ниту случајно што поранешниот претседател Доналд Трамп го предводи движењето кое лажно потврди дека Обама е роден во Кенија. Лажното етикетирање на првиот и единствен црн претседател на САД како муслиман и африкански имигрант на некој начин го направи помалку Американец“, рече Омар во Претставничкиот дом пред гласањето.

Републиканските напори да ја отстранат Омар од функцијата доаѓаат во момент кога конгресното водство на партијата настојува да се освети за отстранување на крајните десничарски претставници Марџори Тејлор Грин и Пол Госар од комитетот во периодот кога демократите го контролираа домот. Грин и Госар се сменети поради поттикнувачки коментари и очигледно одобрување на насилството над демократите.

Омар во 2019 година се соочи со обвинувања за антисемитизам поради нејзините коментари на сметка на односот на одделни американски конгресмени со Израел. Тогашната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и сите демократи ги осудија овие изјави, по што Омар се извини.

Омар е родена во Могадишу, Сомалија, во 1981 година. Кога имала 8 години, со своето семејство избегала од воените случувања и четири години живеела во егзил во соседна Кенија.

Во 1996 година со семјеството емигрира во САД и се населува во Минесота, каде има голема сомалиска заедница.

Нејзината политичка кариера кулминира кога е избрана во американскиот Претставнички дом во ноември 2018 година.