Принцот Хари ненајавено на суд во Лондон

– Британскиот принц Хари денеска се појави пред Високиот суд во Лондон, каде што адвокат кој застапува група британски медиуми бара отфрлање на тужбата на принцот и други познати личности против гласилата поради снимање телефонски разговори и повреда на приватноста.

Медиумската група „Асошиејтед њуспејперс“ – издавач, меѓу другото, и на „Дејли Мејл“, бара од Судот да ги отфрли тужбите на неколку општествено познати лица кои бараат отштета за злоупотреба во медиумите и незаконско стекнување приватни информации. Ова рочиште се очекува да трае четири дена, а присуството на принцот во Судот укажува на важноста што тој му ја придава на случајот.

Меѓу другите кои ги тужеа медиумите се пејачот Елтон Џон, неговиот сопруг Дејвид Фурниш, како и глумиците Елизабет Харли и Сејди Фрост.

Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл живеат во САД откако објавија дека се повлекуваат од кралските должности во 2020 година.

Ненајавеното доаѓање на принцот Хари во Велика Британија, се случува нешто повеќе од месец до крунисувањето на неговиот татко, кралот Чарлс Трети, на 6 мај годинава. Принцот и сопругата биле повикани на свеченоста околу крунисувањето, но сѐ уште не е соопштено дали ја прифатиле поканата.