Проблем на самитот Г20 во Индија: Кина одби да го усвои заклучокот, Русија го обвинува Западот за уцена

Министрите за финансии на земјите со најсилни економии на планетата не успеаја да се договорат за заклучокот на самитот на Г20 во Индија, откако Кина одби да ја осуди руската инвазија на Украина, а Русија го обвини Западот за уцена. Самитот, кој се одржа викендов во градот Бенгалуру, беше во сенка на повикот на земјата домаќин Индија воопшто да не се зборува за руската инвазија и одбивањето на Кина да ја осуди.

„Би-Би-Си“ пренесува дека Кина одбила да ја усвои последната изјава со која „најостро ја осудува руската инвазија“.

Одбивањето доаѓа во истата недела кога Кина го објави својот план за решавање на кризата во Украина. Во објавеното соопштение се содржани сумирани впечатоци од средбата, во кои се наведува дека имало „различни оценки за ситуацијата во Украина“, како и различни мислења за прашањето за санкциите против Русија.

Во фуснотата се вели дека Русија и Кина одбија да усвојат два параграфи за војната, адаптирани од состанокот во ноември каде руската инвазија беше осудена „најостро“.

Индискиот функционер Ајај Сет по средбата изјави дека претставниците на Русија и Кина како причина за одбивањето го навеле дека целта им била да се занимаваат со финансиски и економски прашања.

„Останатите 18 земји сметаа дека војната има последици за глобалната економија и затоа мора да се решат како прашање“, рече тој.

Во документот се споменува и неодамнешниот земјотрес во Турција, долговите во послабите економии, глобалните даночни проблеми и кризата со храна.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека жали што „активностите на Г-20 биле дестабилизирани од западниот колектив и користени на антируски начин“.

„Ова е јасна уцена од страна на САД, ЕУ и земјите од Г7, кои не ја признаваат објективната реалност на мултиполарниот свет“, велат од Министерството.

Германскиот министер за финансии кратко зборуваше и ги коментираше настаните на самитот на Г20.

„Ова е војна. А војната има само една причина, а тоа се Русија и Владимир Путин. И ние мора јасно да се справиме со тоа прашање на состанокот на Г-20“, рече министерот Кристијан Линднер.