Прогноза на MMФ: Британија единствена земја од Г7 која паѓа во рецесија

Прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд за Велика Британија се полоши отколку оние за Русија која е погодена од санкции поради војната во Украина.

Велика Британија се очекува да биде единствената земја од групата развиени земји Г7 што ќе падне во рецесија во 2023 година, според најновите проценки на Меѓународниот монетарен фонд. Бруто домашен производ (БДП) на Велика Британија, според ММФ, ќе се намали за околу 0,6 отсто во наредната година. Причина за ова се повисоките даноци, зголемените каматни стапки и високата цена на енергијата, како и пониските државни трошоци.

Изгледите на Велика Британија се влошија откако првично ММФ во октомври минатата година процени раст од 0,3 отсто за 2023 година. Прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд за Велика Британија се полоши отколку оние за Русија која е погодена од санкции поради војната во Украина.

Германија на раб на рецесија

Сепак, она што фрла знак на надеж за британската економија е фактот што ММФ предвидува дека производството на Обединетото Кралство ќе порасне за 0,9 отсто во 2024 година.

Годишен раст на БДП                                                                      Others

Другите земји членки на Г7 се очекува да забележат раст, макар и само маргинален, при што Јапонија го презема водството со пораст од 1,8 отсто, а потоа следат Канада со 1,5 отсто и САД со 1,4 отсто.

Според најновата прогноза на ММФ, Франција и Италија ќе имаат раст на БДП од 0,7 и 0,6 отсто, а минимален раст на економијата се прогнозира за Германија која е веднаш до Велика Британија и речиси е на работ на рецесија.

Пад и на глобалниот раст

Глобалниот раст се предвидува да падне од проценетите 3,4 отсто во 2022 година на 2,9 отсто во 2023 година, а потоа да се зголеми на 3,1 отсто во 2024 година, предвидува ММФ. Главно сидро кое ја влече надолу светската економија е војната во Украина, но и последиците од пандемијата со Ковид-19 кои се чувствуваат во одредени делови од светот.

Глобалната инфлација се очекува да падне од 8,8 отсто во 2022 година на 6,6 отсто во 2023 година и 4,3 отсто во 2024 година, сè уште над нивоата пред пандемијата од околу 3,5 отсто.

TRT Balkan