ПРОДОЛЖУВА ДРАМАТА ОКОЛУ МИХАЕЛ ШУМАХЕР – Отпуштен германскиот уредник кој тврдеше дека направил интервју со поранешниот шампион на Формула 1

Главниот уредник на германскиот таблоид кој објави лажно интервју создадено со помош на вештачка интелигенција со поранешниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, во петокот бил разрешен од медиумската групација Funke.

Funke, групација која го издава списанието, му се извини и на семејството Шумахер.

Тој невкусен и погрешен напис кој никогаш не требаше да се појави во јавноста. Во никој случај не ги задоволува стандардите на новинарството што ние – и нашите читатели – ги очекуваме од издавач како што е Funke“, изјавила Бјанка Полман, директорка на магазинот Funke.

Ен Хофман, главната уредничка на списанието Die Aktuelle од денес е разрешена од должноста“, се вели во соопштението за печатот на Funke. Таа била одговорна и ја надгледувала работата на списанието од 2009 година.

Сторијата објавена оваа недела во Die Aktuelle предизвика бурни реакции во германскиот медиумски свет и дебата за опасностите создадени од вештачката интелигенција.

На насловната страница на магазинот се најде фотографија на Михаел Шумахер, со наслов: „Михаел Шумахер: Прво интервју!“. Додека еден помал наслов подолу на насловната страница гласел: „Звучи измамливо но реално“.

Магазинот јасно стави до знаење дека таблоидот пишува за лажно интервју генерирано од веб-страница која користела алатки за вештачка интелигенција.

Повеќето обожаватели би знаеле дека тврдењата во интервјуто се целосно измислени, бидејќи Михаел Шумахер живее целосно повлечен живот откако доживеа тешка повреда на мозокот на скијање во 2013 година. Несреќата го остави со тешки долгорочни здравствени последици, а тој од несреќата повеќе не е виден во јавноста.

„Интервјуто“ погрешно сугерираше дека 54-годишниот Михаел Шумахер открил детали за неговото закрепнување.