Продолжува поддршката за домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви колектори и замена на ПВЦ-прозорци

– Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што рече Бектеши на прес-конференција во Владата, за овие три мерки се предвидени вкупно 70 милиони денари или 1,15 милиони евра.

– Со ваквите инвестиции во обновливи извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја, но и да имаат заштеда во време на криза. Предвидени се вкупно 70 милиони денари или 1,15 милиони евра кои ќе се користат за следните мерки: надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 отсто, но не повеќе од 15 000 денари по домаќинство за 2023 година, во вкупен износ од 15 милиони денари, надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50 проценти, но не повеќе од 25 000 денари по домаќинство за 2023 година во вкупен износ од 25 милиони денари, како и надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата на градба на која има право на сопственост или користење, до 30 отсто, но не повеќе од 80.000 денари по домаќинство за 2023 година, во вкупен износ од 30 милиони денари, информира министерот.

Огласите за овие три мерки ќе бидат објавени кон почетокот на март годинава.

Според Бектеши, ќе продолжи поддршката на компаниите за изградба на фотонапонски централи.