Протестен марш на медиумските работници: За квалитетни новинарски содржини и достоинствени плати

– Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) преку марш од Владата до Собранието, денеска упатија барања за изнаоѓање системски решенија за квалитет на новинарските содржини, достоинствени плати, обезбедување услови за квалитетни и професионални новинарски продукти за традиционалните, но и за новите медиуми.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски од пред Владата образложувајќи ги барањата посочи оти е потребна имплементација на законите кои се важни во новинарската сфера за обезбедување и независно функционално работење на јавниот сервис и на регулаторот.

ЗНМ и ССНМ побараа брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите, како и поддршка за колегите од внатрешноста.

За сите овие барања ЗНМ и ССНМ доставија до Владата акциски план со точки, потточки и рокови за реализација.

– Стоп на негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори и политичари. Стоп за агресивниот државен ПР, што ја зема работата на новинарите. Државниот ПР ја зема работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите. Владата создаде најголема редакција во земјата, а државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате ПР памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на кое треба да биде, истакна Чадиковски.

Ова, како што нагласи, е најважната работа да обезбедиме демократски амбиент во кој ќе ја цементираме слободата на говорот како најсилен императив за добро функционирање на државата.

Претседателот на ССНМ, Павле Беловски истакна дека сведоци сме дека работничките права дури и оние најосновните на медиумските работници не се почитуваат се заобиколуваат. 

– Мораме заедно сплотени како што сме на овој марш да продолжиме да ги бараме и да се бориме за она што ни следува според законот. Овие состојби може да се подобрат пред се само со потпишување на колективни договори со што далеку попрецизно ќе се утврдат условите за работа, како и обврските и задолженијата на двете страни. За да успееме да потпишеме колективни договори со кои еднаш за секогаш ќе кажеме стоп за анархијата, потребен дијалог, дијалог од сите и победа за сите, рече Беловски. 

Тој посочи дека постои една атмосфера во јавниот дискурс во која новинарите и медиумските работници се повеќе се напаѓани, навредувани, тепани, газени, малтретирани, а тој наратив потекнува од повеќе извори, па дури и високи политички функционери си дозволуваат да навредуваат и омаловажуваат. 

– Сметаме дека оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото на граѓаните да бидат информирани, рече Беловски.  

Претседателот на ССНМ посочи дека една од причините за овој марш е да се даде поддршка и да се крене свеста во каква состојба се наоѓаат новинарите од внатрешноста и во какви услови работат.  

– Марш или протест, потреби или барања или критика. Како и да си ги поставиме прашањата, одговорите ни се јасни на сите. Задолжени надлежни за ништо, задолжени за се. Не молчевме, сте зборувале кога проникнуваше новинарството во оваа млада Република. Не замолчевме ниту кога не тепаа, малтретираа, кога не затвораа, кога ги губевме нашите работни места. Тој џин е етичкиот професионалец, тој џин е трудбеникот односно тоа сме ние денеска. Се одѕиваме под називот медиумски работници од првиот кадар, па преку острото перо па се до копчето до реализација. Поединецот кој стои зад вистината слободната мисла и јавниот интерес, додаде Беловски.