Путин: Русија против новиот светски поредок обликуван според интересите на САД

Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека Москва се противи на фактот дека новиот свет се обликува само во интерес на САД.

Русија се противи на новиот светски поредок што се обликува исклучиво во интерес на САД, изјави рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Анадолу.

„Против што сме? Против фактот дека новиот свет се обликува само во интерес на една земја, во овој случај САД“, рече Путин во интервју за телевизиската мрежа „Русија-1“.

Путин истакна дека некои земји исклучително зависат од Вашингтон, економски и воено, додавајќи дека е уверен дека борбата против Русија е во согласност со американските интереси.

„Дури и сателитите (сојузниците на САД) се вклучени во заедничката борба, но сепак, совршено се свесни дека сѐ што САД прават е во согласност само со нивните себични интереси. Често тоа не е во прилог ниту на нивните таканаречени сојузници“ рече рускиот претседател.

Путин додаде дека не се сомнева дека рускиот став за мултиполарниот свет на крајот ќе надвладее.

Што се однесува до судирите во Украина, Путин истакна дека НАТО и Западот се вклучени во војната бидејќи му испорачуваат оружје на Киев, и дека Москва треба да го земе предвид нуклеарниот арсенал на целиот Запад.

„Во денешни услови, бидејќи сите водечки сили на НАТО најавија наш стратешки пораз како своја клучна цел… како да не го земеме предвид нивниот нуклеарен потенцијал?“, рече Путин.

Тој рече дека Западот ќе ја вклучи Русија во своето „таканаречено семејство на цивилизирани народи“ само откако „ќе ја растури земјата на делови“ за да може да ги стави под своја контрола.