Пјонгјанг: Воените вежби на САД и Јужна Кореја водат кон нуклеарна војна

Во севернокорејските државни медиуми  САД и Јужна Кореја се обвинуваат за ескалација на тензиите до раб на нуклеарна војна и Пјонгјанг најави одговор со „офанзивна акција“.

– Непромислената воена конфронтирачка хистерија на САД и нивните следбеници против Демократска Народна Република Кореја ја доведува ситуацијата на Корејскиот Полуостров до неповратна катастрофа … на работ на нуклеарна војна, наведуваат севернокорејските медиуми.

Реакцијата на Пјонгјанг уследи по заедничките воени вежби на американската и јужнокорејската армија, што почнаа во март, во кои учествуваат и американски носач на авиони и бомбардери Б-1Б и Б-52.

За Пјонгјанг воените вежби се „проба за инвазија“ и ја засили својата воена активност изминатите недели. Северна Кореја минатиот месец истрела интерконтинентална балистичка ракета способна да ги погоди САД, нарекувајќи го одговор на сојузничките вежби.