Радар развиен за армијата спасува животи во Туркије

Радарскиот систем ДАР ја откри локацијата на повеќе од 20 луѓе заробени под урнатините во зоните погодени од земјотресот

Радарски систем развиен од турската државна одбранбена компанија СТМ (STM) спасува животи во областите во Туркије опустошени од земјотресот.

Радарскиот систем преку ѕид може да ги лоцира луѓето низ насипите од урнатините на зградите.. Главниот техничар на СТМ, Јусуф Хајирли, изјави дека радарскиот систем ДАР дизајниран за одбранбената индустрија за првпат се користел надвор од неговото поле во зона на земјотрес.

„Ние им помагаме на тимовите во лоцирањето на луѓето врз основа на дишењето и движењата на рацете“, рече Хајирли.

Тимовите извлекоа повеќе од 20 преживеани од земјотресот од урнатите згради благодарение на координатите обезбедени од радарскиот систем ДАР.

„Бевме сведоци како 7-месечно бебе беше извлечено на безбедно откако беше заробено под урнатините. Оваа среќа е неопислива“, додаде Хајирли.

Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со епицентар во провинцијата Кахраманмараш, ги почувствуваа 13 милиони луѓе во 10 провинции, вклучувајќи ги Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.

TRT Balkan