Речиси четвртина од децата и адолесцентите имаат нарушување во исхраната

„Нарушувањето во исхраната е сериозен проблем меѓу децата и адолесцентите. Раното откривање и интервенцијата се клучни за спречување на долгорочни здравствени проблеми.“

Резултатите од најновото научно истражување покажаа дека 22 отсто од децата и адолесцентите во светот имаат симптоми на нарушувања во исхраната.

Истражувањето за нарушувањата во исхраната кај децата и адолесцентите во 16 земји го објави научното списание „JAMA Pediatrics“.

Резултатите од студијата покажаа дека дури 22 отсто од децата и адолесцентите во светот покажуваат знаци на нарушувања во исхраната, додавајќи дека таа бројка е поголема кај девојчињата со висок индекс на телесна маса.

Во истражувањето се наведува дека децата можат да ги сокријат симптомите на нарушувањето во исхраната или се двоумат да побараат помош мислејќи дека тоа е непријатно.

Во истражувањето се истакнува дека токму од таа причина децата можеби не се во потполност лечени од ова нарушување кое сѐ повеќе го привлекува вниманието на научниците.

Истражувачот од Универзитетот „Кастиља ла Манча“ во Шпанија и автор на студијата, д-р Хозе Франциско Лопез-Гил, изјави дека станува збор за многу важна тема, особено во последните неколку децении.

„Нарушувањето во исхраната е сериозен проблем меѓу децата и адолесцентите. Раното откривање и интервенцијата се клучни за спречување на долгорочни здравствени проблеми“, рече Лопез-Гил.

Тој истакна дека возрасните би требало да бидат свесни за симптомот на нарушување во исхраната и кај себе и кај своите деца.

Лопез-Гил рече дека однесувањето налик на опседнатост со килограми, строги правила на исхраната и прекумерно јадење се само некои од симптомите.

Нарушувањата во исхраната претставуваат потешкотии во однесувањето во исхраната.

Постојат три основни типови нарушувања во исхраната, а тоа се: анорексија, булимија и компулзивно прејадување.

Секое од овие нарушувања во прехраната претставува специфичен проблем кој е нужно да се лекува, а лекувањето на нарушувањата во исхраната е речиси секогаш успешно доколку се интервенира навремено.