Роботската рака ќе овозможи транспорт на примероци од Марс до Земјата (ВИДЕО)

Европската вселенска агенција (ESA) ќе користи роботска рака во мисијата за испраќање примероци од почвата од Марс на Земјата, објави организацијата.

– Станува збор за роботска рака долга 2,5 метри која од земјата ќе подигне цевки полни со скапоцена земја од Марс и ќе ги пренесе во ракета за историска меѓупланетарна испорака – се наведува во соопштението.

Роботот наречен Sample Transfer Arm или STA, всушност е автономен и многу сигурен, што го прави идеален за својата единствена мисија.

– Роботот може да изведува низа движења со седум степени на слобода и со помош на две камери и низа сензори. Има држач сличен на рака, кој може да ги фати и да ракува со „цевките“ за примероци под различни агли – според ESA.

Подобри спецификации

Роботската рака сè уште не е на Марс, но ЕСА истакнува дека наскоро ќе „слета“ на Црвената планета за да земе примероци од земјата што моментално ги собира роверот на NASА Perseverance.

– Раката има способност да „види, чувствува и да донесува автономни одлуки“, како и да ги вади цевките од роверот, да ги подигне од земја и да ги стави во контејнерот, а потоа да го затвори капакот пред полетувањето од Марс – се додава во соопштението.

Роверот Mars Perseverance ја прослави својата прва годишнина на Црвената планета минатиот февруари по лансирањето на 18 февруари 2021 година. Вредноста е 2,7 милијарди долари. Ова беше највозбудливиот момент за американската вселенска агенција НАСА и многу важен чекор во истражувањето на Марс со цел да се одговори на прашањето дали некогаш постоел живот на оваа планета.

Испорака на примероци

Дел од мисијата за испраќање примероци на Земјата ќе биде и Earth Return Orbiter (ERO), кој ќе се сретне со новиот робот и ќе извади контејнери со примероци од почвата на Марс. Потоа следи патување кон Земјата.

Заедничката цел на ЕСА и НАСА е примероците да стигнат до Земјата до 2033 година. Агенциите се надеваат дека ќе најдат фосилизирани организми во примероците, но веројатноста тие да содржат живи организми е многу мала.

Се поставува прашањето дали е безбедно да се донесат вакви организми на Земјата бидејќи го зголемува ризикот од потенцијална биоконтаминација, меѓутоа, агенциите претходно нагласија дека можноста за тоа е речиси нула.