Русија ги постави условите за мировни преговори со Украина

Русија порача дека Украина мора да биде неутрална и да одбие да се вклучи во НАТО и Европската Унија за да ги започне мировните преговори за прекин на војната.

„Потребен ни е неутрален и вонблоковски статус на Украина, нејзино одбивање да се вклучи во НАТО и ЕУ и потврда за украинскиот ненуклеарен статус, како и признавање на новата територијална реалност од Киев и меѓународната заедница“, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Галузин, во интервјуто за рускиот телевизиски канал RTVI.

Галузин рече дека Москва верува дека е можен „сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина и Европа“ кога ќе завршат судирите меѓу руските и украинските трупи.

Тој додаде дека Украина одбила да го разгледа дипломатското решение за војната и дека нема „значајни промени“ во ставот на Киев бидејќи сè уште „се потпира на воено решение на конфликтот“.

„Се чини дека многу нешта зависат од тоа колку брзо Киев и Западот ќе сфатат дека рецептот за мирна иднина на Украина лежи во враќањето кон потеклото на нејзината државност забележана во Декларацијата за државен суверенитет од 1990 година, во која се предвидува неутрален статус на Украина со почитување на правата на руското население во таа земја, како и на националните малцинства“, порача Галузин, пренесе ТРТ Балкан.