Русија одлучи да протера повеќе од 20 германски дипломати

 Кремљ реагираше реципрочно откако Берлин го протера рускиот дипломатски персонал.

Руското Министерство за надворешни работи одлучи реципрочно да протера германски дипломати и значително да го ограничи нивниот број, известува Анадолу.

Во соопштението се наведува дека Германија повторно одлучила масовно да протера вработени во руската дипломатска мисија.

„Остро ги осудуваме овие постапки на Берлин, кој продолжува отворено да ги уништува сите аспекти на руско-германските односи, вклучувајќи ги и дипломатските. Руската страна, како одговор на непријателските акции на Берлин, одлучи да ги протера германските дипломати од Русија во рамките на реципроцитетот“, се наведува во соопштението.

Одлучено е и максимално да се намали бројката на вработени во германското дипломатско претставништво во Русија, а таа одлука му е пренесена на Геза Андреас фон Гајр, германскиот амбасадор во Москва, на состанокот одржан во руското Министерство за надворешни работи на 5 април.

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, за рускиот телевизиски канал „Звезда“ изјави дека повеќе од 20 германски дипломати се депортирани од Русија.