Русија се плаши дека Украина ќе удри длабоко во руска територија со западно оружје

Киев тврди дека оружјето што САД планираат да им го обезбедат ќе се користи само за напади врз руските сили на украинска територија.

Москва не верува во ветувањата на Киев дека нема да користи западно оружје со долг дострел за да напаѓа длабоко во руска територија, објави новинската агенција РИА, цитирајќи претставник на руското Министерство за надворешни работи.

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, кој во меѓувреме беше сменет, оваа недела рече дека Киев ќе го користи оружјето што САД планираат да им го обезбедат само за да ги нападне руските сили на украинска територија.

„Не може да има доверба во таквите изјави бидејќи украинските власти постојано ја покажаа својата несигурност и неспособност да постигнат договор“, изјави за РИА шефот на одделот во руското министерство Алексеј Полишјук, пренесе Ројтерс.

Западно оружје

Соединетите Американски Држави минатиот петок објавија дека испраќаат нов пакет оружје и муниција во Украина во вредност од 2,2 милијарди американски долари.

Во овој пакет е вклучена муниција за ракетните системи ХИМАРС, кои украинските сили можат да ги користат за гаѓање цели зад руските линии, како и дополнителни единици за противвоздушна одбрана и оклопни возила, објави Пентагон.

Нешто порано, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, близок до шефот на државата Владимир Путин, го предупреди НАТО да не го испраќа своето оружје во Украина, бидејќи поразот на Русија во Украина може да предизвика нуклеарна војна.

„Поразот на нуклеарна сила во конвенционална војна може да предизвика нуклеарна војна. Нуклеарните сили никогаш не изгубиле големи конфликти од кои зависи нивната судбина“, рече Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, на Телеграм.