САД и Јужна Кореја спроведоа амфибиски јуришни вежби од големи размери

Јужна Кореја и САД спроведоа големи амфибиски јуришни вежби со мобилизација на десантни бродови, стелт ловци и хеликоптери, соопшти јужнокорејската војска.

Вежбите наречени „Сангјонг“ што значи „двоен змеј“, се кулминација на големите сојузнички маневри што ќе траат до следниот понеделник во и околу градот Поханг, 272 километри југоисточно од Сеул.

Генералот Ким Сеунг-киум, началникот на Генералштабот на армијата на Јужна Кореја, ги надгледуваше клучните фази од вежбата, јави Јонхап.

Како приказ на нивните „огромни“ способности, двете војски распоредија десантни сили на ниво на дивизија и околу 30 бродови, вклучително и десантни бродови.

Тие, исто така, мобилизираа околу 70 авиони, како што се Ф-35Б, и јуришни хеликоптери АХ-64 Апачи и околу 50 јуришни амфибиски возила.

Вежбите почнаа со тоа што јужнокорејски и американски борбени авиони извршија акција за бомбардирање на непријателска територија за да се отстранат оперативните пречки и да се отвори пат за ефикасни амфибиски маневри на сојузничките сили, се вели во соопштението на војската.

Северна Кореја завчера ги изврши своите најнови ракетни тестови кога јужнокорејските и американските сили ја започнаа својата најголема вежба за амфибиски десант во последните години.

Пјонгјанг соопшти дека поради воените вежби на САД и Јужна Кореја, мора „да се опреми за сеопфатна војна и приоритетно да ги зајакне своите нуклеарни сили во квалитет и квантитет“.

Претходно овој месец, САД и Јужна Кореја ја започнаа првата вежба Сангјонг во последните пет години, со оглед на тоа што од 2018 година не се одржуваа вежби поради настојувањето на администрацијата на претседателот Мун Џае-ин за меѓукорејско зближување.