Салман Ружди со нов роман, напишан пред обидот за убиство врз него

По повод излегувањето на романот „Градот на победата“ денеска, британскиот писател, сер Салман Ружди на својот Твитер ја објави првата фотографија од себе по обидот за убиство пред шест месеци. 

„Таа слика за насловната страница на ‘Њујоркер’ е драматична и моќна, но оваа што ја објавувам сега е некако прозаична и ме прикажува како јас навистина изгледам“, напиша Ружди до сликата.

Британецот со индиско потекло, инаку, беше избоден неколкупати за време на книжевен настан во Њујорк, САД, а една од последиците е губење на видот на десното око. Toj со години се криеше откако поранешниот ирански врховен водач, ајатолахот Хомеини наложи негово убиство поради, како што сметаше – „богохулната природа на неговите сатански стихови“. Во интервју за „Њујоркер“, писателот истакна дека му е драго што луѓето му дале толку голема поддршка.

– Немав поим дека луѓето ќе реагираат вака на обидот за убиство врз мене. Јас сум навистина среќен човек и многу сум благодарен за сѐ!, вели Ружди. – Овие големи повреди се излечија, почнувам да ги чувствувам палецот и показалецот и долниот дел од раката. Напорно работам на терапија за мојата рака и ми рекоа дека ми е подобро. Тука е само овој проблем со посттрауматскиот стрес, знаете. Многу ми е тешко да работам и да пишувам поради тоа. Седнувам и почнувам да пишувам, но ништо не се случува… Пишувам, но сѐ што пишувам е празно или лошо. Пишувам и го бришам тоа следниот ден. Сè уште не сум го решил тој проблем, додаде писателот.

Во меѓувреме, Ружди го објавува својот нов роман, како што се опишува – епска приказна за жена од 14. век која му пркоси на патријархалниот свет. Книгата е напишана пред скоро смртоносниот напад во САД, и е, всушност, превод на историски еп првично напишан на санскрит јазикот.

Долгоочекуваното дело ја раскажува приказната за млада девојка сираче – Пампа Кампани, која било обдарено од божица со магични моќи и која основала град во Индија – Биснаг, што во превод значи Град на победата. Ружди нема да го промовира својот 15-ти роман поради неговата здравствена состојба, иако неговиот агент Ендрју Вајли за „Гардијан“ изјави дека закрепнувањето напредува. Иако нема да учествува во промоцијата, тој сепак, почна да комуницира преку Твитер, главно споделувајќи критики за неговиот нов роман.

Осомничениот за нападот, Хади Матар, 24-годишен жител на Њу Џерси, по потекло од Либан, беше уапсен веднаш по нападот и се изјасни невин по обвиненијата.

Ружди, натурализиран Американец кој живее во Њујорк 20 години, го загуби видот на едното око и, делумно, способноста на едната рака, рече Вајли во октомври.

Нападот беше поздравен од екстремистите во муслиманските земји како Иран и Пакистан.