СБ: За закрепнување на Украина од војната потребни се 411 милијарди долари

Светска банка ја зголеми својата процена за трошоците за закрепнување и обнова на Украина од руската војна на минимум 411 милијарди долари во следната деценија.

Процената беше спроведена заеднички од Групацијата на Светска банка, украинската Влада, Европската комисија и Обединетите нации (ОН), објави „Ал Џезира“ а пренесе ТРТ Балкан.

Бројката е зголемена од 349 милијарди долари што беа наведени во претходната проекција.

Директната штета на објектите и инфраструктурата досега, во војната што трае повеќе од една година, достигна 135 милијарди долари.

Околу два милиона домови и над 20 отсто од јавните здравствени установи се оштетени, а најмалку 9.655 цивили се загинати, меѓу кои 461 дете, се наведува од „Ал Џезира“.

Се истакнува и дека руската војна го вратила назад 15-годишниот економски напредок во Украина, намалувајќи го нејзиниот бруто-домашен производ за 29 отсто и туркајќи 1,7 милиони луѓе во сиромаштија.