Светски ден без тутун: Дали „жолтото“ злато ќе стане минато?

Секоја година 8 милиони луѓе умираат од последици од пушењето и користењето на тутунските производи. Освен последиците кои директно ги трпат пушачите, исто така со самото производство на тутун се намалува достапната обработлива земјоделска површина за одгледување храна, а здравствени и социо-економски ризици има и врз самите тутунопроизводители.

Пред 35 години Светската здравствена организација одлучи секој 31 мај да го одбележува како светски ден без тутун со цел да се намали глобалното производство на тутун и да се поттикне поголема грижа за здравјето, поголемо производство на храна и покривање на потребите на над 750 милиони луѓе кои се соочуваат со неухранетост.

Годинава главното мото е „Потребна ни е храна, а не тутун“ како дел од глобалната кампања која ќе биде насочена кон подигне свеста за алтернативното растително производство и можностите за да се поттикнат тутунарите да одгледуваат одржливи, хранливи култури, кои не се штетни по здравјето.

Ќе транзитира ли светски бараниот македонски тутун?

Македонскиот тутун е меѓу најбараните во светот, и најголемиот дел од домашното производство се извезува во странство, сместувајќи ја земјата во топ 20 светски производители.

Тутунот е меѓу најзастапените земјоделските култури на индустриските земјоделски површина, кој го одгледуваат над 25 илјади македонски семејства и важи за една од традиционалните гранки. Годишно во Северна Македонија се произведува во просек од 25 до 30 илјади тони или околу 0.5% од вкупното светско производство и 15% од европското производство на тутун.

Иако станува збор за макотрпна обработка сепак, и натаму културата е застапена на македонските ниви, бидејќи субвенциите кои ги доделува државата се гарантирани секоја година.

Субвенциите се исто така и критикувани бидејќи повеќе се гледа на нив како социјална мерка и трансфер на средства кон ранливите земјоделски семејства, додека пак за сметка на тутунопроизводството кое се извезува по релативно ниски цена, се увезуваат житарки кои се многу поскапи, а кои може да се произведат локално.

Освен дисбалансот на храна на македонскиот пазар, без навремена стратегија која ќе опфати замена на тутунот како земјоделска култура, можни се социјални шокови откако земјата ќе стане членка на ЕУ, каде ќе мора да се придружува до Заедничката земјоделска политика.

Кина и натаму најголем производител на тутун

Кина стабилно се одржува на врвот според производството на тутун каде годишно во просек се произведуваат над 2 милиони тони. Речиси сите држави со широкораспространето производство на тутун ниту комбинирано не може да и се приближат на Кина.

Во Индија и Бразил годишно се произведуваат нешто над 750.000 тони тутун, а во САД и Индонезија околу 220.000 тони тутун.

Причината поради која и натаму производството на тутун е високозастапено е што самата индустрија прави големи напори да ја спречи транзицијата кон одржливи земјоделски и хранливи култури, и покрај ризиците од употреба на пестициди и хемикалии во процесот на обработка.

ТРТ БАЛКАН