Светски ден на водата: Секој четврти човек нема безбедна вода за пиење

Секој четврти човек на планетата нема пристап до безбедна вода за пиење, што значи дека околу 2 милијарди луѓе на светот се соочуваат со сериозни здравствени, хигиенски и санитетски проблеми.

Обединетите Нации според шестата цел за одржлив развој определија дека со агендата 2030 година секој ќе има безбедна вода и санитетски услуги, но се уште многу заостанува во реализација на амбициозната цел. Затоа на 22 март продолжува да се покренува потребата од актуелизирање на прашањето на светскиот ден водата.

Веќе три децении на овој ден се прославува светскиот ден на водата, а годинава фокусот е ставен на забрзување на промените за да се надмине кризата со снабдување со питка вода и безбедни санитетски услови и да се преземе акција, како на ниво на политики така и на ниво на поединец.

Кои се главните предизвици?

Алармантно е што годишно се проценува дека речиси 1.4 милиони луѓе умираат како последици на небезбедна вода за пиење, а уште на 74 милиони луѓе драстично им се влошува здравствената состојба и им се намалува животниот век поради болести предизвикани од лоша вода и несоодветни санитарни и хигиенски услови.

ОН покрај повикот за заеднички глобален ангажман ги повика и граѓаните самите да преземат акција и да дадат свој придонес во решавање на проблемот.

Во секој регион има различни приоритети, па така и видот на поединечните акции може да се разликуваат, но во основа сите се сведуваат на штедење на водата и рационално користење, намалување на загадувањето со хемикалии и био-отпад, како и купување локална храна и облека за чие производство е потрошено помало количество вода.

Истовремено голем проблем е и неразвиената инфраструктура или недостиг од истата поради која 44% од отпадните води од домаќинствата завршуваат назад во природата без да поминат низ пречистување.

Речиси половина од светската популација или околу 3,6 милијарди луѓе немаат безбедни санитарни услови.

Зголемената побарувачка за вода дополнително ќе го влоши проблемот бидејќи постоечките капацитети нема да бидат доволни, и се повеќе луѓе ќе страдаат. Проценките се дека глобалната побарувачка за вода до 2050 година ќе се зголеми за 55%.

Во следните 20 години драстично ќе се зголеми и бројот на население во урбаните средини со недостиг на чиста питка вода и се проценува дека со овој проблем ќе се соочат над 2 милијарди луѓе доколку не се преземат поконкретни чекори.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН