Северна Кореја истрела сомнителна балистичка ракета со краток дострел кон Жолтото Море

Најновиот ракетен тест се случи два дена пред почетокот на 11-дневната заедничка воена вежба меѓу Јужна Кореја и САД, што треба да започне во сабота.

Северна Кореја истрела уште една сомнителна балистичка ракета со краток дострел кон Жолтото Море, тврди јужнокорејската војска.

Најновиот ракетен тест се случи два дена пред почетокот на 11-дневната заедничка воена вежба меѓу Јужна Кореја и САД, што треба да започне во сабота.

Лансирањето беше забележано утринава од северниот пристаништен град Нампо, објави новинската агенција Јонхап, повикувајќи се на изјава издадена од началникот на Генералштабот на Јужна Кореја, кој не даде дополнителни детали.

„Додека го зајакнува надзорот и будноста, нашата војска одржува целосна подготвеност во тесна соработка со САД“, се вели во соопштението.

Во вторникот, Северна Кореја ја обвини јужнокорејската војска дека истрелала артилериски гранати во „тампон-зоните“ и го предупреди Сеул да престане со „провокативните воени акции“.

Минатиот понеделник, Јужна Кореја и САД спроведоа заеднички воздушни вежби во кои учествуваше американскиот стратешки бомбардер Б-52, способен за нуклеарно оружје, за, според наводите, да ја покажат воената моќ на Вашингтон против Северна Кореја.

Министерството за надворешни работи на Северна Кореја остро ги осуди воздушните вежби во понеделникот, обвинувајќи ги САД за намерно ескалирање на ситуацијата на Корејскиот Полуостров и во регионот и покрај нивното предупредување.

Во посебна изјава, Ким Јо-јонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, ги предупреди САД и Јужна Кореја дека пресретнувањето на нивното тестирање на стратешко оружје“ ќе се смета за „објавување војна“ против Пјонгјанг.

„Јужнокорејскиот печат на 24 февруари објави неодреден извештај дека американскиот индиско-пацифички командант рекол дека доколку лансираат интерконтинентална балистичка ракета кон Пацификот, таа веднаш ќе биде соборена“, рече Ким во нејзината изјава објавена од државната новинска агенција.

Таа рече дека ракетната програма на нејзината земја е за самоодбрана и предупреди дека пресретнувањето на нивното стратешко оружје од страна на САД би било објава на војна против Северна Кореја.