Седуммина туристи загинаа во индискиот дел од Хималаите откако беа погодени од лавина

Лавина денеска усмрти седуммина туристи во индиската хималајска држава Сиким, во близина на планинскиот премин до кинескиот регион Тибет, а спасувачите ја прекинаа потрагата по телата со доаѓањето на ноќта.

Армијата соопшти дека најмалку 20 луѓе биле спасени откако неколку возила кои превезувале туристи до преминот Нату Ла, меѓу Сиким и Тибет, биле погодени од лавина.

Локалната полиција додаде дека осуммина преживеани се во критична состојба.

– Правиме уште една проверка пред да ја прекинеме операцијата за спасување бидејќи е темно и повторно врне снег, изјави во телефонско интервју за Ројтерс високиот полициски функционер Тензинг Лоден Лепча, пренесува Хина.

Во последните две години неколку лавини ги погодија индиските Хималаи, при што загинаа најмалку 120 луѓе.

Спасувачките тимови претходно соопштија дека стравуваат дека најмалку 70 луѓе се затрупани под снег на местото на несреќата, на околу 40 километри од главниот град Гангток.

Инаку, лавината ги погодила луѓето додека се фотографирале во близина на водопадот. Фотографиите објавени од индиското Министерство за одбрана покажуваат дека спасувачите копаат со лопати во близина на водопадот.

Со тешка механизација се работи на расчистување на снегот што го остави зад себе лавината, покажуваат фотографиите.

По расчистувањето на снегот од патот, спасени се уште 350 туристи и 80 автомобили, се наведува во армиското соопштение.

Секоја година, илјадници туристи го посетуваат Сиким, наречена „Земја на мистичниот сјај“, која се наоѓа под планината Канченџунга, третата највисока планина во светот.