Сериозен недостиг од струја во регионот, вели директорот на ЕСО, Ангелин Цачев

Во нашиот регион се наѕира сериозен недостиг од електрична енергија, изјави денеска Ангелин Цачев, извршен директор на Електроенергетскиот системски оператор (ЕСО).

Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Причините се развојот на електромобилноста и производството на зелен водород, прецизираше тој при презентирањето на студијата на агенцијата „Тренд“ за развојот на нуклеарната енергија во земјава, која се одржа во Софија.

Потрошувачката ќе расте, а недостигот може да се надополни само со обновливи извори на енергија, системи за складирање и најмалку 100 терават часови нуклеарни централи за регионот на Југоисточна Европа, рече Цачев.

Во регионот има услови за изградба на нуклеарни централи – во моментов има четири земји кои имаат нуклеарни централи, а само Бугарија има две лиценцирани нуклеарни локации. Односно, имаме сериозна и единствена шанса да го развиеме секторот и да создадеме предност во регионот во производството на електрична енергија.

Студијата нарачана од Европската комисија минатата година покажува дека до 2030 година во Бугарија ќе има 200.000 електрични автомобили, изјави Ангелин Цачев. Струјата што им е потребна ќе биде од редот од 600.000 – 700.000 мегават часови. До 2040 година се очекува во земјата да има 2 милиони електрични автомобили со годишна потрошувачка од 7 гигават часови, а во 2050 година да има 3,5 милиони електрични автомобили за што ќе бидат потребни 13-14 гигават часови. Ова овозможува да работат најмалку два блока на нуклеарна централа, бидејќи тие ќе произведуваат вкупно околу 15 гигават часови годишно.

За складирање индустриска енергија, батериите не ги даваат потребните резултати, смета Цачев. При инсталирање на еден мегават литиум-јонски батерии се користи 60 отсто од капацитетот. Празнењето на батеријата до нула проценти исклучително го скратува нејзиниот животен век. Не може да се каже дека овој тип на батерија ќе работи десет години и со три илјади циклуси на полнење. Единствените технологии кои можат да се користат за складирање на енергија сега се ПАВЕЦ и системите за компримиран воздух, рече тој.

Можностите на земјата се сериозни и државата треба да се фокусира на вакви проекти, бидејќи балансирањето на ОИЕ е сериозен предизвик, 6000 мегавати батерии за складирање енергија не можат да го решат проблемот. ЕСО има примено апликации за над 35.000 мегавати капацитет. Само 30 отсто од нив ќе се реализираат – ова се 10.000 мегавати, а енергијата произведена од нив многукратно ќе го надмине капацитетот на батериите од 6.000 мегават часови, рече Цачев. Потребни се системи за складирање енергија, но со многу поголем капацитет – можеби 50.000-60.000 мегават часови. Тоа може да се постигне, како што веќе реков, само со ПАВЕЦ и системи за компресиран воздух, посочи Цачев.

Ива Петрова, заменик министерка за енергетика, истакна дека визијата за развој на електричната енергија се базира на моделирање за изградба на нуклеарни централи. Ова не е само идеја, има и аналитичка база и можеме да кажеме дека ни требаат нови капацитети. Сфаќаме дека оваа визија за развој на електрична енергија треба да ја развиеме во сеопфатна енергетска стратегија, вклучувајќи ја визијата за топлинска енергија и за користење на природен гас, изјави Ива Петрова.

Анализите се направени од широк спектар на експерти и останува да се разјаснат прогнозите за развој на побарувачката на електрична енергија, додаде таа.