СЕ ВЛОШУВААТ ОДНОСИТЕ МЕЃУ БУГАРИЈА И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Софија го повлече својот амбасадор од Скопје и најави ревизија на проектите

Бугарската влада во својот технички мандат вчера објави дека го повлекува амбасадорот од Скопје Ангело Ангелов и најави ревизија на проектите со Северна Македонија.

По состанокот на Комисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент, техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков изјави дека Ангелов ќе остане во Софија додека не се забележи напредок во односот кон македонските граѓани кои се изјаснуваат како Бугари, јавуваат скопските медиуми.

Ангелов ќе остане во Софија додека не видиме знаци на промена, ќе остане онолку колку што е потребно. Цврста политика е ваквото однесување да не може да продолжи на ист начин“, рече Милков.

Запрашан што значи ова конкретно, Милков рече дека Софија очекува „позитивни чекори во пракса“, односно дека сака да види казнување на лицата кои извршиле злосторства од омраза врз Бугарите во Северна Македонија.

„Судските органи треба да си ја завршат работата. И судството. Има злосторства од омраза за кои се изрекуваат минимални казни или воопшто не се казнуваат, што создава атмосфера на неказнивост. Тоа во пракса ги поттикнува горенаведените појави“, рече Милков.

Тој изјави дека ништо нема да биде исто во односите со Скопје и најави дополнително заострување на досегашната политика, како и можно прекинување на билатералните проекти.