Се крие ли друг интерес зад носењето на неевропски закон со европско знаменце за игри на среќа?

„Зошто Владата се обидува измените и дополнувањата во Законот на игри на среќа и забавни игри да ги протурка со европско знаменце, кога ниедна европска земја нема ваков закон? Дали воопшто има оправданост за негово носење или сепак станува збор за задоволување на нечив интерес кој се крие зад стискањето на таскот во Собрание“. Ова е се дел од прашањата кои до Владата, но и до ЕУ претставниците во земјата денес ги постави Асоцијацијата на обложувалници на Македонија (АСОМ).

Но, доколку се разгледа искуството на соседството меѓу кои и државите членки на ЕУ очигледно е дека ваквите рестриктивни закони носат спротивен ефект, намалување на легалното обложување кое отвора ново поле на нелегален профит и ризик за играчите. Тоа докажува дека ваквиот закон едноставно не функционира, велат од АСОМ.

„Следствено ова, Владата е должна веднаш да одговори зошто носењето на измените и дополнувањата на Законот на игри на среќа и забавни игри треба да биде по скратена постапка кога тоа е незаконски и неиздржано според правилата за носење закони со европско знаменце за што и треба да биде известена Европската Унија“. – вели Васко Илијевски претседател на АСОМ.

Друга апсурдност е Владата да им става Европско знаме на предложените измени, а истовремено да не ги следи актуелните процеси во Европа. Всушност измените и дополнувањата на законот не се достапни на увид што значи дека ќе се носат без никаква правна основа, дебата и комуникација со претставниците од гранката. „Тоа отвора нови прашања дали некој сака да донесе неевропски закон кој штити монопол во организацијата на игри на среќа, со отворање на вториот државен оператор?“ – потенцираат од АСОМ.

Како демократска држава и земја која ги започна преговорите за членство во Европското семејство треба да ги следи европските процедури и при носењето на законот да отвори поширока дискусија преку формирање на работни групи помеѓу институциите и приредувачите со цел носење ефикасен и европски закон.

„Претставниците на ЕУ во земјата во овој момент треба да побараат увид во законот со кој злоупотребува европското знаменце поради што нема правен основ истиот да се носи под европско знаменце, ниту по скратена постапка, а со тоа да се скрати дебатата“. – заклучува Илијевски.

Како и да е она што досега е познато е дека измените и дополнувањата на Законот за игри на среќа и забавни игри со кој се предвидува обложувалниците и казината да мора да бидат минимум 500 метри оддалечени од училиштата значи затворање на оваа стопанска гранка и отпуштање од работа на околу 10.000 луѓе.