Се реконструира дел од главната канализациона мрежа на штипскиот булевар „Партизанска“

 – Почнува реконструкцијата на главната канализациона мрежа на дел од булеварот „Партизанска“ во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајан Коцев денеска на прес-конференција истакнаа дека проектот ќе се реализира со 900.000 денари, пари обезбедени од буџетот на Општина Штип.

Јорданов посочи дека ова е децениски проблем на канализационата мрежа, која предизвикува поплавување на подрумските простории во околните згради и ќе биде решен.

-Станува збор за нова канализациона фекална линија во должина од 150 метри, инвестиција на Општина Штип преку ЈП „Исар“ со што ќе се реши долгогодишен проблем кој ни го посочија жителите од станбената единица. Морам да напоменам дека ваквиот начин на темелно решавање на проблемите ќе продолжи и во наредниот период и во останатите населби, затоа што проблемите кои се таложеле со години наназад мора да ги решаваме без разлика што за нас и за ЈП „Исар“ се финансиски издаток, вели Јорданов.

Директорот на ЈП „Исар“, Коцев информира дека во наредните шест до десет дена екипи од ЈП „Исар“ ќе бидат на терен и во зависност од временски услови ќе се работи на реконструкција на канализационата мрежа и решавање на проблемот на граѓаните од овој дел од градот.

– Констатиравме дека во зградата на улица „Партизанска“ 48 има отвор во подрумскиот дел и од таму се излева односно се потопува подрумскиот дел со отпадни води. Пристапивме веднаш, изготвивме техничко решение и денес ќе извршуваме реконструкција на главна канализациона мрежа со профил фи 315, додава Коцев.

По завршување на канализационата мрежа ќе се  асфалтира коловозот, на оној дел од булеварот „Партизанска“ што ќе биде оштетен.