Синодот утре ќе одржи седница на која треба да одлучи за обединување на МПЦ-ОА и ПОА

– Синодот на МПЦ-ОА, утре во полн состав, треба да донесе одлука за обединување на МПЦ-ОА и ПОА, со што треба да се финализира договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА, објави порталот религија.мк.

Во Синодот во полн состав, според Уставот на МПЦ-ОА, членуваат сите епархиски архиереи и викарните архиереи избрани во МПЦ-ОА.

Во текстот се наведува дека бил постигнат начелен договор со СПЦ околу тоа како да бидат интегрирани владиците на ПОА во МПЦ-ОА и кои епархии ќе им бидат дадени.

-Заокружувањето на тој процес ќе значи и формално згаснување на ПОА и нејзина итеграција во МПЦ-ОА, што ќе биде историски чин на обединување кон конечната цел полноправо признавање на МПЦ-ОА како автокефална црква, се наведува во написот на религија.мк.

Воедно, се додава дека сите четворица владици на ПОА ќе добијат епархии, кои ќе бидат создадени со прераспределба на постоечките што ги има МПЦ-ОА.

-Јован, кој сега има титула Архиепископ Охридски и митрополит Скопски ќе ги добие на управување Демир Хисар и Крушево, заедно со Нижеполе, каде веројатно ќе биде седиштето на новата Епархија. Во првичниот договор во опција е и Ресен, но овој град засега е спорен поради противењето на Владиката Петар. Практично овие две општини, кои сега се дел од Преспанско-пелагоиниската епархија, ќе бидат нова епархија. Ако во нејзе влезе и Ресен Јован би имал титула почесен архиепископ охридски и митрополит преспански. Доколку Ресен остане под управа на владиката Петар, Јован би имал друга титула, но таа секако ќе ја содржи почесната титула на архиепископ, стои во текстот.

Јаоким, кој во ПОА има титула Полошко-кумановски, се наведува понатаму, ќе добие на управување нова епаехија од Кумановско-осоговската со која сега управува владиката Григориј. Според сценариото, Јоаким би управувал со делот на Илинден, Делјадровце и до границиата со Србија. Во овој состав би требало да биде и Старо Нагоричане, но, според портаолот, нејасно е дали на тоа ќе се согласи актуелниот владика. Каква титула ќе носи Јоаким засега не е прецизирано.

Сосема јасно е, се посочува, кои делови од Северна Македонија како нов владика ќе ги управува Марко, кој сега има титула Брегалнички. Тој во МПЦ-ОА, ќе биде владика на Делчево и Каменица, со кој титула се уште не е договорено.

Единствен за кој имаше најголем отпор во МПЦ-ОА, се наведува, беше епископот Стобиски Давид. 

-Него може да му биде понудено нова епархија во Скопско, во околината на Сопиште. Другата опција е биде викар на Јован. Кое ќе биде конечното решение, сепак ќе одлучат утре владиците на МПЦ-ОА на заседание на Синодот во полн состав, стои во текстот на религија.мк.