Скандалозен корупциски скандал го тресе Киев среде војна. Зеленски најави отпуштања на сите нивоа

Заменик министерот за инфраструктура уапсен под сомнение дека примил 400.000 долари мито за увоз на агрегати

Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави отпуштања од највисоко до најниско ниво, потег што следи по најсериозните обвинувања откако започна руската инвазија.

Антикорупциската полиција во неделата соопшти дека го уапсила заменик министерот за инфраструктура под сомнение дека лани во септември примил поткуп од 400.000 долари за увоз на агрегати, што министерот го негирал.

Дополнително, друга истрага што ја спроведе весникот го обвинува Министерството за одбрана дека преплаќал добавувач на храна за војниците. Добавувачот рече дека имало техничка грешка и дека не се платени пари.

„Веќе има одлуки за отпуштања – некои ќе се случат денес, некои утре – кои се однесуваат на функционери на различни нивоа во министерствата и другите владини структури, како и на регионално ниво и за спроведување на законот“, рекол Зеленски во видео пораката.

Меѓу неговите планови се и зголемениот надзор на патувањата во странство за службени цели. Неколку украински медиуми објавија дека министри и високи функционери може веднаш да бидат разрешени.

Поради корупцискиот скандал, ентузијазмот на Западот за неговата влада може да стивне во време кога европските земји се расправаат за испраќање тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина.

Украина вели дека ѝ се потребни овие тенкови за да ги пробијат руските линии и да ја вратат територијата.

Се верува дека Украина и Русија планираат офанзиви напролет за да го скршат ќор-сокакот во војната во источна и јужна Украина како што се приближува годишнината од почетокот на руската инвазија.

Германија, која мора да одобри повторен извоз на леопард, се воздржа, стравувајќи дека тоа би можело да ја поттикне Москва да ескалира. Но, под силен притисок од своите партнери, Берлин рече дека е подготвен да дејствува брзо доколку се постигне консензус меѓу сојузниците.

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на брифинг со новинарите во понеделникот ги избегна прашањата за германската загриженост за испраќање тенкови и дали САД ќе поддржат други земји да испраќаат леопард без германска дозвола.

Кремљ коментира дека несогласувањата во Европа околу тоа дали да се испратат тенкови во Киев покажуваат дека има „голема нервоза“ во НАТО алијансата.