Словенија, Хрватска и Италија иницираат трилатерална контрола на илегалната миграција

– Италија, Словенија и Хрватска започнуваат трилатерална соработка со цел контрола на илегалната миграција, соопштија денеска премиерите на Хрватска и Словенија, Андреј Пленковиќ и Роберт Голоб.

Трилатералната соработка, што е најважна за Италија како земја дестинација, би можела да започне многу наскоро, пред посетата на Голоб на Загреб, што е планирана за мај.

– За жал зголемен е бројот на илегални влегувања на мигранти во Словенија, поради што заеднички интерес е воспоставување на подобар надзор над надворешните граници на Европска Унија, изјави Голоб.

Пленковиќ истакна дека Хрватска има „исклучително напорна“ задача да ја чува надворешната граница на ЕУ, на која работат 6.700 полицајци и затоа се преземени „огромни“ инвестиции во полициската подготвеност и технологијата за надзор.

– Подготвени сме да го потпишеме договорот за полициска соработка, што веќе е подготвен и верувам дека тие технички аспекти ќе бидат решени до пристигнувањето на премиерот Голоб во Хрватска, наведе Пленковиќ, додавајќи оти соработката ќе биде „ефективна, сигурна и усогласена со прописите“.