Собрани 80 проценти од планираните единици на крв во Кичево – иселувањето на младите причина за намалениот број

Во изминатата година Општинската организација на Црвен крст Кичево реализира 80 проценти од планираниот број на крвни единици, што е во рамките на оствареното и во претходните 2021 и 2019 година година, но е над бројката на собрани крвни единици во кризната 2020 година, поради ковид-19.

– Општинската организација на Црвениот крст Кичево во изминатата 2022 година спроведе 15 редовни крводарителни акции во кои беа собрани вкупно 1.043 крвни единици што е за 30 крвни единици помалку од 2021 година, но е за 106 крвни единици повеќе во 2020 година, кога бројот на крводарителни акции, беше далеку помал како и одзивот на граѓаните поради ковид кризата и кога беа собрани вкупно 937 крвни единици. Слични бројки на минатогодишните имаме во 2019 година кога беа собрани 1.051 единица на крв – информира секретарот Бесник Селими и ги потенцира намалените можности на градот поради исселување на младите, кои се и најголеми крводарители.

-Со остварените резултати можеме да бидеме задоволни ако се има во предвид намалениот број на помлади жители како во градот така и во неговата околина, кои се и најредовни крводарители – истакна Селими.

Тој нагласи дека поголемиот број или 723 крвни единици се собрани во Институтот за трансфузиона медицина во Кичево, додека 320 единици се собрани при крводарителни акции организирани во повеќе компании и институции во градот а за годинава планирани се, ист број, крводарителни акции како претходната година и да се соберат 1.400 единици на крв.