Советниците на Скопје бараа одговор за финансиската состојба на Градот, Арсовска категорична дека сметките не се блокирани

– Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната триесетта седница на градскиот Совет истакна дека во последните 18 месеци финансиската состојба на Градот е добро консолидирана, нагласувајќи дека сметките не Градот не се блокирани, додека советниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ од друга страна ја обвинуваа за финансиска нетранспарентност и бараа одговори за многу прашања поврзани со финансиската состојба на јавните претпријатија.

Арсовска во обраќањето ги спомна поранешните долгови од претходните градоначалници, за кои рече дека освен основните долгови, Градот сега должи и милионски суми како плус од каматните стапки за тие долгови. Набројувајќи неколку од долговите на поранешни градоначалници, таа праша зошто против нив не е покрената никаква иницијатива

– Милионски се сумите коишто се побаруваат, меѓутоа милионски се и каматите коишто овој град ќе треба да ги плати. Овој град во изминатите 18 месеци е во добра финансиска состојба, финансиски е консолидиран, кредитниот рејтинг ни е задржан со позитивен изглед. Имаме драстично зголемување на можноста за кредитно задолжување, од 1,2 милиони евра во ноември 2021 година, на сегашните меѓу 25 и 30 милиони евра, што е одраз на тоа дека Градот финансиски е добро консолидиран, потенцираше градоначалничката Арсовска, додавајќи дека штетата направена во изминатите децении не можат да се поправат за 18 месеци.

Координаторот на советничката група на коалицијата предводена од СДСМ, Љубица Јанчева, истакна дека е недозволиво Градот Скопје, како најголемата единица на локална самоуправа во земјава, да биде со блокирана сметка.

– Наместо денеска да зборуваме за реализација на проекти, ние денеска на оваа седница зборуваме зошто сметката на Град Скопје е блокирана и за тоа кој ќе ја плаќа штетата, посочи Јанчева.

Таа исто така побара одговори за тоа каква е состојбата во јавните градски претпријатија и што се случува со одредени капитални проекти.

Од советничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, ја повика градоначалничката Арсовска на придржување на аргументите за време на дискусиите и без да упатува лични напади и навреди.

Градоначалничката Арсовска на сета дискусија додаде дека сите прашања се одговорени, но дека тоа не ги задоволува политичките агенди на партиите.