Сочувство од Ковачевски, Битиќи и Спасовски за жртвите од земјотресот во Турција

 Премиерот Димитар Ковачевски изрази сочувство за жртвите од разорниот земјотрес кој го погоди реонот на градот Газиантеп, посакувајќи брзо опоравување на повредените.

-Ужасна вест за земјотресот во Турција која не растажи сите. Во мое лично и во име на граѓаните на Северна Македонија изразувам длабоко сочуство кон Реџеп Таип Ердоган за изгубените животи, и посакувам брзо опоравување на повредените, вели Ковачевски.

Сочувство за турскиот народ и желба за брзо закрепнување на повредените од разорниот земјотрес, испрати и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

-Сочувство за турскиот народ и желба за брзо закрепнување на повредените и надеж за утеха, за сите оние кои изгубија некој свој во силниот земјотрес кој утрово ја погоди Турција, вели Битиќи во сочувството.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со објава на својот Фејсбук профил изразува сочувство до турскиот народ и посочува дека македонската полиција стои на располагање во овие тешки моменти за пријателските турски и сириски народи.

-Во мое и во име на МВР изразувам најдлабоко сочувство до турскиот и сирискиот народ, на семејствата на над 500 загинати лица во катастрофалниот земјотрес којшто ги погоди Турција и Сирија пред само неколку часа. Македонската полиција стои на располагање во овие тешки моменти за пријателските турски и сириски народи, напиша Спасовски во сочувството.

Околу 300 лица загинаа, а  повеќе од 2.300 луѓе се повредени во Турција во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди денеска југоисточниот дел на земјата. Европско медитеранскиот сеизмолошки центар денеска во Турција на границата со Сирија регистрирал дури 77 земјотреси по најсилниот чија магнитуда била 7,8 степени. Нивниот интензитет бил меѓу 3,3 и 6,7 степени според Рихтеровата скала.